Минерални суровини

Минерални суровини

Инспекција при есплотација на минерални суровини

Прашања

Што се уредува со Законот за минерални суровини ?

Со овој закон се уредуваат:

  • условите и начинот на вршење геолошки истражувања, поттикнувањето и унапредувањето на геолошките истражувања со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност во согласност со начелата на одржлив развој и заштита на животната средина,
  • поттикнувањето и унапредувањето на експлоатацијатана минералните суровини, како и зајакнување на мерките за безбедност, заштита на животната средина и здравјето на луѓето,
  • поттикнувањето и унапредувањето на преработката на минералните суровини, како и зајакнување на мерките за безбедност, заштита на животната средина и здравјето на луѓето,
  • надзорот и условите при вршењето на геолошките истражувања, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, и
  • мерките и начинот со кои се спречува или намалува до најмала можна мерка штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето кое може да настане како последица од управувањето со отпадот што се создава и веќе создадениот отпад од истражувањата, експлоатацијата и преработката на минералните суровини.

Кој има право за вршење на детални геолошки истражувања ?

  1. Право за вршење на детални геолошки истражувања се стекнува со добивање на концесија за детални геолошки истражувања.
  2. Концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: концедент).
  3. Право за добивање на концесија за детални геолошки истражувања има секое правно лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија, а кои ги исполнуваат условите пропишани со овој и друг закон.
  4. Концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини не може да добие за период од пет години кога на правното лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија претходно му била одземена концесија за детални геолошки истражувања или експлоатација на минерални суровини, како и правно лице кое е поврзано со тоа правно лице. Како поврзани се сметаат случаите кога правните лице се во меѓусебни блиски врски, и си остваруваат меѓусебна контрола на начин и под услови утврдени со Законот за банки.
  5. Концесија за детални геолошки истражувања се доделува врз основа на јавен повик со електронска аукција под услови и на начин утврден со овој закон и  Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
  6. Во случај кога барањето за добивање на концесија за детални геолошки истражувања го поднесуваат сопственикот на резултатите од извршените проспекциски геолошки истражувања, јавните претпријатија, јавните установи, трговските друштва основани од Република Македонија и друштвата врз кои државата има директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив, односно ако поседува поголем дел од капиталот на друштвото, има мнозинство гласови на акционерите/содружниците и доколку именува повеќе од половина од членовите на управниот или надзорниот одбор, односно органите на управување на друштвото, другите правни лица кои вршат јавни овластувања во делот на вршењето на јавните овластувања, концесијата за детални геолошки истражувања им се доделува врз основа на барање, без спроведување на постапка за доделување на концесија по пат на јавен повик.
  7. За минералните суровини од член 4 став (2) алинеа 1 на овој закон, Владата дава претходна согласност по однос на поднесената иницијатива за детални геолошки истражувања.

На кој начин се доделува концесија за експлоатација на минерални суровини ?

  1. Концесијата за експлоатација на минерални суровини се доделува врз основа на јавен повик и врз основа на барање под услови утврдени со овој закон и Законот за концесии и јавно приватно партнерство.
  2. Во случај кога барањето за добивање на концесија за експлоатација го поднесуваат јавните претпријатија, јавните установи, трговските друштва основани од Република Македонија и друштвата врз кои државата има директно или индиректно влијание преку сопственоста над нив, односно ако поседува поголем дел од капиталот на друштвото, има мнозинство гласови на акционерите/содружниците и доколку именува повеќе од половина од членовите на управниот или надзорниот одбор, односно органите на управување на друштвото, другите правни лица кои вршат јавни овластувања во делот на вршењето на јавните овластувања, концесијата за експлоатација им се доделува врз основа на барање, без спроведување на постапка за доделување на концесија по пат на јавен повик.
  3. Постапката за доделување на концесијата за експлоатација од ставот (2) на овој член ќе се спроведе согласно член 42 од овој закон.

Кои се обврските на концесионерот при изведување на рударските работи ?

  1. Концесионерот при изведување на рударските работи за експлоатација на минерални суровини е должен:
    • да ги изведува рударските работи согласно со дозволата за експлоатација и дозволата за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект, стандардите и техничките нормативи кои важат за изведување на тие работи
    • да врши рударски мерења и да поседува рударски планови за вршење експлоатација на минералните суровини
    • доколку предмет на концесијата за експлоатација се минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 од овој закон, концесионерот е должен да врши реинјектирање на вишокот на искористената количина на минерална суровина од експлоатационите бунари во примарните водоносни средини, при што концесионерот предходно е должен да изврши детални геолошки истражувања на средината во која ќе се врши реинјектирањето и да изготви соодветна техничка документација за изведба на реинјекциона дупнатина, во која ќе биде утврден и начинот на реинјектирањето
    • да ги спроведува мерките за заштита при работа
    • навремено да презема мерки за безбедност на граѓаните, нивниот имот, сообраќајот и соседните објекти;
    • да спроведува, на своја сметка, мерки за заштита на животната средина и природата и културното наследство, како и мерки за рекултивација на земјиштето согласно со закон
    • да води евиденција на произведените количини на минерални суровини во пишана форма
    • пред почетокот на експлоатација концесионерот е должен да поседува доказ за мерење на експлоатираната и продадена количина на минерална суровина, освен за минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 на овој закон и
    • да управува со отпадот на минералните суровини согласно планот за управување со отпад.
  2. Концесионерот при изведување на рударските работи и вршењето на експлоатација на минерални суровини е должен на локацијата каде што тие се вршат, да има:
    • дозвола за експлоатација на минерални суровини и дозвола за изведување на рударски работи според дополнителен рударски проект
    • рударски планови со ажурирана состојба на изведените рударски работи
    • уверенија за стручна оспособеност на работниците за извршување на работите и за нивната здравствена состојба
    • решение за поставување одговорни лица за раководење при изведувањето на рударските работи и објекти
    • извештаи за извршените периодични прегледи и испитувања на опремата и орудијата за работа заради утврдување на нивната исправност
    • упатства за работа со мерки на заштита при работа за применетиот технолошки процес за експлоатација и преработка на минерални суровини
    • евиденција на произведените количини на минерални суровини во пишана форма и
    • друга документација пропишана со овој и друг закон.
  3. Начинот на водење на евиденцијата од ставот (1) алинеја 7 и ставот (2) алинеја 8 на овој член ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини
  4. Концесионерот при изведување на рударските работи за експлоатација на минерални суровини е должен да врши класификација и прекатегоризација на рудните резерви
  5. Класификацијата и прекатегоризацијата на рудните резерви од ставот (4) на овој член се врши за период од пет години
  6. Начинот на класификација и прекатегоризација на рудните резерви од ставот (4) на овој член ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини
  7. Техничките нормативи кои важат за пооделни области при изведување на рударските работи од ставот (2) алинеја 1 на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини

Кои се обврски на концесионерите за геодетско снимање и рударски мерења ?

Заради правилна експлоатацијата на минерални суровини, концесионерот е должен да врши геодетско снимање или рударски мерења.

  1. Концесионерот кој врши експлоатација на минералните суровини е должен еднаш годишно во периодот од 15 септември до 15 декември во тековната година да изврши геодетско снимање и да изготви геодетски елаборат со пресметка на откопаните количини на минерални суровини, во кој прецизно ќе се дефинираат количините на откопната количина на минерални суровини и периодот во кој тоа е извршено, а најдоцна до 31 јануари во тековната година за претходната година геодетскиот елаборат да го достави до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини, освен за минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 од овој закон и собирниот кварц.
  2. Примерок од геодетскиот елаборат од став (2) на овој член, концесионерот е должен да достави до Државниот инспекторат за техничка инспекција.
  3. Геодетското снимање од став (2) на овој член го вршат  трговци поединци - овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи кои ги исполнуваат условите од Законот за катастар на недвижности.
  4. Концесионерот кој врши експлоатација на минералните суровини од членот 4 став (2) алинеја 6 од овој закон, е должен еднаш годишно да изврши тестирање на експлоатационите објекти и примерок од извештајот од извршените тестирања на експлоатационите објекти да достави до Државниот инспекторат за техничка инспекција.
  5. Формата и содржината на извештајот од ставот (5) на овој член ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.
  6. Заради правилно вршење на деталните геолошки истражувања со рударски работи и експлоатација на минерални суровини, во зависност од видот на минерални суровини кои се предмет на експлоатација, концесионерот е должен да врши рударски мерења и да изготвува рударски планови.
  7. Видот, содржината и начинот на изготвување и чување на рударските планови ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.

Кои се обврските на концесионерот за известување за експлотирани количини на минерални суровини ?

  1. Концесионерите кои вршат експлоатација на минерални суровини се должни еднаш годишно во периодот од  1 до 31 јануари во тековната година за претходната година  до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини да достават податоци и пресметка за експлоатираните количини на минерални суровини во тековната година.
  2. Начинот на доставување и содржината на пресметка на експлоатираните колчини од став (1) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.
  3. Концесионерите кои вршат експлоатација на металични и техногени минерални суровини и кои вршат нивна преработка во облик на концентрат или метал се должни еднаш месечно да доставуваат податоци за содржината на минерални суровини кои се наоѓаат во добиените концетрати или металите до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини .
  4. Концесионерите кои вршат експлоатација на металични минерални суровини, а кои во производниот процес произведуваат злато, должни се истото првенствено да го понудат на продажба на Народната банка на Република Македонија, по пазарни услови и по цена утврдена на Лондонската берза на метали.
  5. Содржината и начинот на доставување на податоците од став (3) на овој член ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини.