Ставање во употреба на техничка опрема

Секој корисник е должен да спроведе постапка за ставање во употреба на техничката опрема во согласност со соодветниот технички пропис за вршење на технички преглед и периодично испитување.

Техничката опрема може да биде ставена за прв пат во употреба или по значителна промена доколку независно правно лице извршило прв технички преглед во однос на предвидените услови на користење и тоа во однос на: 

  • монтажа,
  • инсталирање,
  • подесување и
  • безбедност на техничката опрема.

По спроведениот прв технички преглед, во зависност од техничкиот пропис за предметната техничка опрема, корисникот до Инспекторатот поднесува барање за ставање во употреба на техничката опрема веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на добивањето на извештајот од извршениот преглед на опремата.

Кон барањето од став 1 на овој член, корисникот е должен да ја достави особено и следната документација: извештај од извршениот преглед на техничката опрема од независно правно лице, изјава заверена од нотар дека има склучен договор со  независно правно лице кое ќе врши технички прегледи и периодични испитувања, распоред за вршење на технички преглед и периодични испитувања и други документи утврдени во техничките прописи за секоја одделна област.

Врз основа на поднесеното барање, Инспекторатот врши проверка на приложената документација од став 2 од овој член за да ја утврди исполнетоста на условите за ставање во употреба на техничката опрема.

Во случаите кога е доставена документацијата од став 2 на овој член Инспекторатот по извршената проверка, донесува решение  за ставање во употреба на техничката опрема на корисникот, во рок од седум дена од денот на поднесување на барањето. Решението за ставање во употреба на техничката опрема од став 4 на овој член Инспекторатот го евидентира согласно член 8 на овој закон.